Бугарско министерство за правда- речиси 78 000 Македонци побарале бугарско државјанство, околу 66 000 добиле

Архивска фотографија- Министерката за правда на Бугарија Десислава Ахладова

Министерката за правда на Бугарија Десислава Ахладова денеска на седницата за пратенички прашања во бугарскиот парламент, одговарајќи на прашање на пратеник од владејачката партија ГЕРБ рече дека во последните десет години, конкретно од први јануари 2010 година до 22 октомври 2020 година, врз основа на поднесени молби од граѓани на Република Северна Македонија и доставени документи вкупно 77 829 македонски државјани побарале бугарско државјанство и речиси сите од нив побарале врз основа на бугарско потекло.

Дирекцијата „Бугарско државјанство“ која функционира во рамки на Министерство за правда прави интервјуа со барателите и ги доставува записите и предлозите, прецизираше Ахладова.

Бугарскиот портал Дневник повикувајќи се на изјава на Ахладова, јавува дека во тој период од 77 829 македонски граѓани кои поднеле молби за бугарско државјанство, 77 726 го побарале врз основа на бугарско потекло, а државата одобрила да го добијат вкупно 65 675 Македонци.