Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева на денешната собраниска седница во бугарскиот парламент рече дека нивните услови за одобрување на преговарачката рамка со Република Северна Македонија ги доставиле на владата во Скопје како писмен документ пред една година.
Видете и ова: Каква е одговорноста на македонската влада за блокадата од Бугарија?Како што пренесува Бугарската национална телевизија (БНР) таа денеска одговарајќи на пратенички прашања рече и дека најсуштинскиот проблем е неисполнувањето на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година, осврнувајќи се на мандатот на заедничката комисија за историски и образовни прашања, говорот на омразата и како што кажа едностраната обврска на Република Северна Македонија да се обврзе дека нема да има никакви претензии дека во Бугарија има македонско малцинство. Захариева вели дека во преговарачката рамка на Скопје со унијата, Софија побарала неколку јасни работи.
„На прво место добрососедските односи се хоризонтален критериум по Мастрихт. Патоказот преку кој треба да се набљудува исполнувањето на договорот, а кога зборувам за искористувањето на формулацијата за јазикот, треба да се искористи формулацијата од Догововорот од 2017 година и во Декларацијата од 1999 година. Продолжуваме да водиме преговори зошто ние сме две соседни држави“, рече Захариева.
Официјална Софија неделава ја блокира преговарачката рамка за зачленување на земјава во Европската унија со што се оневозможи првата меѓувладина конференција да се одржи во декември за време на германското претседателство со Унијата, како што претходно беше најавувано. Ден по блокадата на средби со бугарските власти во име на македонската влада отпатува посебниот претсавник за ова прашање, поранешниот македонски премиер Владо Бучковски.