Владата ѝ доделила на АД Пошта пари од буџетот поради загубите претрпени од пандемијата и стопирање на финансиските услуги поради стечај на Еуростандард банка АД Скопје, соопшти денеска Јани Макрадули, генералниот директор на компанијата, и додаде дека тие пари се за исплата на плати и дека ќе бидат насочени само за намената за која се дадени.
„Вкупниот долг на АД Пошта е околу 10 милиони евра. Освен од тековното работење, има долг кој се влече и од минатото и не зависел од нејзиниот менаџментот, туку и од одлуки на Владата. Дел од тој долг, околу 2,5 милиони евра, биле влог во акции во Поштенската банка, кои не стигнале до АД Пошта. Простувањето на долгови во два наврата од претходната Влада, на компании кои должеле на АД Пошта, се практично околу 7 милиони евра, кои не ги добила АД Пошта. Во јануари и февруари оваа година финансиското работење било стабилно, но со пандемијата, се јавува недостаток на средства во тековното работење. Околу 67 проценти од трошоците одат за плата. Ние ќе се обидеме тоа да го рационализираме, со прераспределба на вработените, за да можеме да генерираме нови приходи“, рече Макрадули.
Тој денеска информираше дека зградата на Пошта влегла во потесниот круг на 12 загрозени објекти во конкуренција на околу 300 апликанти од разни европски држави.