Владата ја утврди банкарската гаранција за да потврди дека ќе биде исплатена целата сума за набавка на вакцината против КОВИД-19 и го плати авансот за ковид вакцината, соопшти премиерот Зоран Заев и додаде дека првите вакцини преку Ковакс системот би стасале во првите месеци на следната година.
„Во делот на набавка на вакцините би сакал прво да повторам дека веќе се обезбедени 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на Ковакс. Во овој систем ќе ги добиваме вакцините согласно планот за дистрибуција, кој ќе го одреди Ковакс. Вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021“, информираше Заев.
Според него, од обидите за директен контакт со два фармацевтски гиганти – производители на вакцината, сѐ уште нема резултати.