Холандија нареди протерување на двајца Руси со дипломатска акредитација, откако разузнавачката агенција на земјата ги обвини за шпионажа насочена кон секторите наука и технологија. Според агенцијата, тие работат во руската цивилна агенција за разузнавање.
Руската амбасада во Холандија ја потврди наредбата за протерување, соопштувајќи дека „не биле презентирани докази што би можеле да ја докажат нивната незаконска активност на територијата на земјата“.
„Ќе следат одмазднички мерки“, се додава во соопштението на амбасадата.
Инцидентот се заканува уште повеќе да ги влоши тензиите меѓу двете земји кои имаа затегнати односи по соборувањето на летот на Малезија ерлајнс МХ17 над источна Украина во 2014 година.
Патничкиот авион леташе од Амстердам кон Куала Лумпур кога беше соборен од противвоздушен систем обезбеден од Москва на проруските сепаратисти во источна Украина, заклучија холандски и меѓународни истражители.
Сите 298 лица кои беа на летот загинаа, вклучително и 196 холандски државјани. Москва негира вмешаност во соборувањето на авионот и во конфликтот во источна Украина.