Пратениците на ЕУ постигнаа договор за построги правила за ограничување на терористички содржини на интернет, вклучително и обврската платформите да ги отстранат навредливите материјали за еден час или да ризикуваат огромни казни.
„Денешниот договор е важна пресвртница во помагањето да се спречат идни напади“, рече потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, откако земјите-членки и Европскиот парламент ја финализираа предложената регулатива.
Предлог на Европската комисија на кој се темелеа преговорите, предвидува казни до 4 проценти од вкупниот промет на компаниите во последната деловна година. Тоа може да значи милиони, па дури и милијарди евра за некои компании, како што се Фејсбук или Гугл. Фејсбук тврди дека ја отстранува терористичката содржина многу побрзо од бараното.
Според соопштението, земјите-членки го имаат последниот збор во утврдувањето на казните во случај на непочитување на новите правила. Наредбата за отстранување содржина, исто така, може да дојде од властите во друга земја на ЕУ, според договорот. Ова ќе се однесува на сите компании кои обезбедуваат интернет услуги во блокот, без оглед дали се наоѓаат во ЕУ.
Договорот се случи по неодамнешните терористички напади низ цела Европа, вклучително и во Ница и Виена. На 9 декември, Комисијата претстави нова стратегија за борба против тероризмот, а лидерите на ЕУ се очекува да разговараат за ова прашање за време на самитот во Брисел на 11 декември.