Разговорите меѓу Косово и Србија без напредок

директорот на српската Канцеларија за Косово, Петар Петковиќ

Косовската Влада објави дека на денешните преговори со српската делегација во Брисел не е постигнат видлив напредок во приближувањето на ставовите меѓу двете страни. Од кабинетот на премиерот Авдулах Хоти соопштија дека на преговорите предводени од координаторот на косовската Влада за дијалогот, Скендер Хисени и директорот на српската Канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, станало збор за пензиите и катастарот.

„Оваа дискусија беше продолжение на третирањето на истите прашања од минатата средба одржана на 29 октомври. И по една долга расправа се уште нема значително приближување на ставовите. Во секој случај, постигната е согласност расправата за овој елемент на сеопфатниот договор меѓу двете земји да продолжи на наредната средба“, се вели во соопштението.

Преговорите се одвиваат со посредство на специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мираослав Лајчак.