Борисов со порака до Заев преку Бучковски: Две теми ги уплашија Бугарите

Владо Бучковски и Бојко Борисов во Софија, 10 декември 2020

Северна Македонија е суверена држава и сама решава на кој јазик сака да зборува, никој не може да ви наложи и да ви наметне на кој јазик да зборувате и никој не го барал тоа од вас, особено јас, му рекол бугарскиот премиер Бојко Борисов на специјалниот претставник за Бугарија, Владо Бучковски, на денешната средба во Софија, од која бугарскиот премиер објави и видео на неговата фејсбук страна.

Борисов вели дека бил изненаден од изјавата на, како што рече, неговиот пријател Зоран Заев, кој го обвинил дека „работел на подигнување на личниот рејтинг“ и дека Бугарија не го почитувала Договорот за пријателство. Тој на Бучковски му рекол да им пренесе на премиерт Зоран Заев и на претседателот Стево Пендаровски дека „две теми ги уплашиja нашите граѓани, а тоа се суверенитетот на Бугарија и малцинството“ и дека треба да се „остават историчарите да си ја вршат работата“.

„Нашето уставно име Република Северна Македонија не значи дека имаме територијални претензии и немешањето во вашите внатрешни работи е дел од Договорот за пријателство и ние тоа ќе го почитуваме. Да ги оставиме историчарите да ја работат нивната работа“, рекол Бучковски, пренесе МИА.

Бучковски вчера во Софија имаше средба со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, а ќе има средби и со претседателот Румен Радев и вицепремиерот Красимир Каракачанов. Тој е во посета на Бугарија да се обиде да најде решение за бугарската блокда на преговарачката рамка на Северна Македонија и Европската унија со образложение дека Скопје не го исполнува Договорот за добрососедство.