Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска побара формирање експертска влада, а кога ќе се создадат здравствени услови да се организираат парламентарни избори, ако е можно напролет, заедно со локалните.
Мицкоски во интервју на ТВ 24 рече дека Заев и неговата политика мора да заминат, особено по последните случувања на релација Скопје - Софија, бидејќи, како што рече, долг период ги убедувал граѓаните дека тој не разговарал за идентитетот, односно дека воопшто не се разговарало на таа тема, но, како што вели Мицкоски, „бугарскиот премиер Бојко Борисов лично му кажал дека Заев му ветил исполнување на бугарските барања уште кога бил опозиционер и градоначалник за да стане премиер“.
Од СДСМ реагираа дека се урнати „сите клевети на ВМРО-ДПМНЕ“ дека се распродава македонскиот идентитет и дека се распрачува Македонија.
„Македонскиот идентитет не е распродаден туку е сочуван, а нашата држава не е распарчена како што хистерично лажеше Мицкоски. Додека ние работевме за граѓаните и ги браневме државните позиции, европската иднина и македонскиот национален идентитет, Мицкоски смислено и оркестрирано ширеше хистерични лажни вести и клевети поткопувајќи ја државната позиција“, рече портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, на денешната прес-конференција .