Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска на фејсбук ги објави сите советници во Иницијативата „За Татковината со љубов“.
Битиќи вели дека тоа е неформално тело, платформа за дискусија со луѓе кои можат да дадат мислење, совет или експертиза за да се дојде до поквалитетни предлози и политики.
„Тие не се професионално ангажирани како советници во мојот кабинет или во Владата, ниту нивните мислења се обврзувачки за Владата ниту пак ќе примаат каков било надомест. Покрај оваа неформална група, јас секојдневно разговарам со различни претставници од бизнис заедницата, академци, граѓани. И нивните барања и мислења влијаат на предлозите што ние потоа ги даваме и ги усвојуваме како Влада. Секако, Владата работи по свои јасни методологии и процедури и секоја дискусија и консултација која ние како политички претставници ја правиме, на крај се преточува во одредена предлог одлука, политика, стратегија, акциски план и за сето тоа е навремено информирана јавноста“, објави Битиќи.
Тој вели дека составот ќе се менува во зависност од темата. На првиот состанок имало повеќе од 20 економски експерти од различни области, а сега веќе се пријавиле уште десетина други што би сакале да учествуваат на наредните состаноци.
„Тенденција ни е да ги вклучиме сите заинтересирани релевантни експерти за поединечни теми на интерес и составот верувам дека ќе се проширува значително во иднина. Повеќе различни аспекти на гледање на работите, можат само да бидат од корист. Сите заедно ние сакаме да покажеме дека без оглед на сите останати разлики, патот за просперитет на нашата татковина е поважен од било што друго. Нема да дозволиме никакво компромитирање на оваа благородна иницијатива, ниу пак какво било партиско-политичко профитирање. Сите кои сакаат да помогнат се добредојдени“, напиша вицепремиерот.
На списокот што го објави Битиќи се: Агим Мамути, Благица Петрески, Борче Треновски, Борче Смилевски, Борис Ефтимовски, Ванчо Узунов,
Веле Самак, Висар Адеми, Вељанд Рамадани, Виктор Мизо, Горан Рафајловски, Зоран Кочоски, Игор Ивановски, Игор Андреев, Коста Петров,
Љупчо Зиков, Марјан Петрески, Никица Мојсовска Блажеска, Никола Поповски, Нина Фити, Олимпија Заевска Христова и Сашо Ќосев.
По објавувањето на првите имиња на советниците, а сега и по објавата на целиот список, јавноста, особено на социјалните мрежи, реагираше дека дел од советниците се од претходната владина гарнитура која, како што велат дел од коментарите, претходно ја нарекувале „режим“, а сега се советници „за татковината со љубов“.