Британскиот премиер Борис Џонсон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен утврдија претстојниот викенд да биде краен рок за надминување на разликите во разговорите за трговија меѓу двете страни. Нивната средба во Брисел заврши без резолуција за разликите околу правата на риболов, правилата за фер трговија и како ќе се спроведува договорот по Брегзит. Фон дер Лајен по вечерата рече дека двете страни „остануваат далеку“. Таа додаде дека тимовите за преговори на ЕУ и Британија ќе се состанат повторно за „решавање на овие суштински прашања“ и ќе донесат одлука до крајниот рок на 13 декември.
Велика Британија подготвена да го ревидира законодавството за Брегзит
„Останаа многу големи празнини меѓу двете страни и сè уште е нејасно дали може да се премостат“, изјави за медимите неименван британски извор. Британија ја напушти ЕУ на 31 јануари, но земјата оттогаш тргува со истите услови. Преодниот статус со ЕУ завршува на 31 декември. Неуспехот да се постигне трговски договор за регулирање на околу 1 трилион долари годишна трговија, би создал хаос на границите заради тарифите и другите мерки. Тоа кошмарно сценарио исто така би ги нарушило финансиските пазари и синџирите на снабдување низ Европа во време кога економиите веќе се погодени од коронавирусот.