Британскиот здравствен регулатор ги советуваше луѓето со историја на значителни алергии да не се вакцинираат против коронавирус со вакцината на Фајзер-БиоНтек, откако двајца луѓе претрпеа сериозни несакани реакции на првиот ден од вакцинацијата.
Велика Британија вчера почна масовна вакцинација на населението, почнувајќи со повозрасните и најизложените вработени, откако Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи минатата недела прва во светот ја одобри вакцината.
Медицинскиот директор на Националната здравствена служба Стивен Пауис денеска изјави дека двајца нивни вработени пријавиле анафилактични реакции, поврзани со примањето на вакцината.
„Како што е вообичаено, Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи поради претпазливост советува луѓето со историја на значителни алергиски реакции да не ја примат вакцината, откако двајца луѓе со историја на големи алергиски реакции вчера реагираа негативно“, рече тој.
Двајцата добро се опоравуваат.
Агенцијата соопшти дека ќе побара дополнителни информации, додека Фајзер и БиоНтек рекоа дека ја поддржуваат истрагата.
Фајзер соопшти дека луѓето со историја на сериозни несакани алергиски реакции на вакцини биле исклучени од последната фаза на испитувањето, што се рефлектира и во протоколот за итно одобрување на вакцината.
Агенциите во САД и во ЕУ сè уште ги разгледуваат податоците за вакцината.