Основното јавно обвинителство Гевгелија побара притвор за шест лица од Скопје, кои ги сомничи за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, а првоосомничениот и второосомничениот и за сторено едно кривично дело – Фалсификување исправа. Четворица од нив не се достапни за властите.
Тие се сомничат дека на 4 декември украле скоро 2 тони марихуана од компанијата ХЕРБ индустри“ од Јосифово, која има лиценца за производство на канабис за медицинска употреба.
„Со употреба на сила, непознатите лица го нападнале вработениот кој бил ангажиран за обезбедување на оштетеното правно лице лоцирано на местото викано „Горна маала“ во с. Јосифово, Општина Валандово. Го удриле, го врзале со лисици, па го затвориле во една од просториите на правното лице. Потоа од магацинот на правното лице ја одзеле и ја натовариле наркотичната дрога во приколка ладилник марка „Smitz“ на која претходно ги извадиле регистарските таблички и на истата ставиле регистарски таблички од друго возило со скопски регистарски ознаки. Потоа приколката ја предале на првоосомничениот и третоосомничениот кои ја закачиле на влекач ТМВ марка „Даф“ црвена боја, кое возило претходно било купено од осомничените со намера со него да помогнат во вршење на кривичното дело. По купопродажбата на товарното возилото прво и второосомничениот направиле лажна јавна исправа со намера да се употребува како вистинска ставајќи други регистарски таблички кои припаѓаат на друго возило. Осомничените ја прикачиле приколката ладилник со наркотичната дрога и таквите лажни јавни исправи ги употребиле во јавниот и патниот сообраќај како вистинити давајќи ги на НН лице да ја управува од с. Јосифово до Скопје“, се наведува во соопштението.
Тие потоа дрогата ја однеле на Кванташкиот пазар во Скопје, па во село Мојанце во општина Арачиново.
Претходно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека во синоќешната акција во Арачиново биле приведени 8 лица.