Шаќири – Ако два пати одбијат работа, рамковните вработени ќе бидат отпуштени

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири

Доколку некој од вработените според Рамковниот договор, кои сега седат дома и примаат плата, двапати одбие опција за ангажман што ќе му биде понуден за работа во некоја од институциите, ќе му биде раскинат работниот однос, најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.

Одговарајќи на новинарски прашања, Шаќири појасни дека целта на нацрт-законот за систематизација на административните службеници е да се реши десетгодишниот проблем и да се оствари владината програма без дополнителни финансиски импликации. По усвојување на законот, министерствата за политички систем и за информатичко општество ќе ги вкрстат податоците и ќе подготват список, при што, како што рече, ќе се земат предвид професионалната подготовка на сите кандидати и годишните планови на институциите за 2021 година.

Проблемот со таканаречените рамковни вработени е стар повеќе од една деценија. Илјадници луѓе беа вработени за да се исполни квотата за правична застапеност на етничките заедници во институциите, но тие луѓе не беа распоредени на работни места, а добиваа плата. Според последните податоци, има уште околу 1300 вакви вработени во државата.