Француското обвинителство побара казни од пет години до доживотен затвор за 14 обвинети за соучесништво на вооружените напаѓачи кои убија 16 лица во нападот врз францускиот сатиричен неделник Шарли Ебдо во јануари 2015 година. Пресудата се очекува следната недела.
Неделникот објави карикатури на пророкот Мухамед кои разгневија милиони муслимани ширум светот. Сите тројца напаѓачи беа убиени во престрелка со полицијата во која загина и еден полицаец.
Судењето на 14-те обвинети соучесници почна во септември. Тие се обвинети за обезбедување логистичка поддршка на напаѓачите. Многумина од нив признаа дека биле вмешани во набавката на оружје, автомобили или друга опрема за напаѓачите, но негираа дека знаеле за нивните планови. На тројца обвинети им се суди во отсуство зашто се недостапни за судот.
Карикатурите објавени во Шарли Ебдо беа повод за нов терористички напад во октомври годинава, кога чеченски тинејџер обезглави наставник во близина на Париз, зашто им ги покажал карикатурите на учениците во дискусија за слободата на изразување. Напаѓачот беше застрелан од полицијата.