Иран ќе ја поддржува сириската влада до конечна победа

Министерот за надворешни работи на Сирија, Фејсал Мекдад и иранискиот претседател Хасан Рохани

Иранискиот претседател Хасан Рохани вели дека неговата земја ќе продолжи да ја поддржува сириската влада како стратешки сојузник се додека не победи во граѓанската војна во земјата.

Во соопштение објавено на веб страницата на иранскиот претседател се наведува дека Рохани ова го изјавил на денешниот состанок со министерот за надворешни работи на Сирија, Фејсал Мекдад кој е во посета во Техеран.

На првиот ден од неговата посета на 7 декември, Мекдад разговараше со министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф.

Ова е прва официјална посета на Мекдад во странство како министер за надворешни работи, откако кон крајот на минатиот месец ја презеде функцијата по смртта на неговиот претходник, Волид ал-Муалем.

Заедно со Русија, Иран му обезбеди клучна воена поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад за време на сирискиот конфликт, што започна со акција против антивладините демонстранти во март 2011 година. Оттогаш се убиени повеќе од 400 илјади луѓе, а милиони се раселени.

Рохани исто така му рекол на Мекдад дека Дамаск треба да продолжи да се соочува со Израел „сè до ослободувањето на сите окупирани земји“, вклучително Голанската висорамнина, територија што Израел ја окупираше од Сирија во блискоисточната војна во 1967 година.

Иран и Сирија не го признаваат Израел, а Техеран поддржува анти-израелски милитантни групи, како што се палестинската милитантна група Хамас и либански Хезболах.