Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров вели дека е битно пристапниот процес во ЕУ да се европеизира, а не да се балканизира. Тој денеска рече дека за македонската страна е битно македонскиот јазик и македонскиот идентитет да останат недопрени, а историските прашања да се решаваат од историчарите, за што има и механизам.
Димитров денеска по полагањето цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски, рече дека ќе продолжат да разговараат со соседна Бугарија и да ја убедуваат дека не може правото на самоопределување да биде пречка за европски интеграции или за добрососедство.
Тој оцени дека ова е голем удар за европската политика кон Балканот, оти, како што рече, во март земјата доби безусловна одлуката за почеток на пристапните преговори, а второ, подвлече, од сите страни имаше гласови дека земјата си ја завршила работата и треба да почне пристапни преговори.
„Мислам дека треба да ја избегнеме замката да паднеме во очај или да влеземе во некакво ново чекање. За да не стане ова и наш пораз мора да го искористиме ова време да си работиме. Има многу добра волја токму заради драстичноста на случајот во многу земји членки“, изјави Димитров.
Тој вели дека треба да бидеме во добра кондиција, да работиме на реформите , за да не се губи на време и да биде земјата подготвена за тогаш кога Европа ќе успее да ги убеди сите свои земји членки да бидат на линија на сопствените вредности.