Одлуката на грчката Влада за воведување плафон за цените на тестовите за ковид-19, со цел да се спречи профитерство, стапува во сила, а цените не смеат да бидат над 60 евра за ПЦР тест и над 20 евра за брз тест.
Иако пред десет дена беше најавено дека молекуларниот тест ќе биде 40, а брзиот 10 евра, сепак на овие цени се додаваат плус 20 односно 10 евра за медицинската услуга, односно за земањето брис, а не е вклучен и данокот на додадена вредност (ДДВ).
Според одлуката потпишана од министерот за развој и инвестиции на Грција, а објавена во Службен весник, за ПЦР тестовите, највисоката цена е 40 евра, плус најмногу 20 евра за земање примерок за анализа, а за брзите тестови, цената не смее да биде над 10 евра и уште 10 да здравствената услуга.
Паралелно, предвидени се и парични казни во висина од 5.000 евра за оние кои нема да ја почитуваат конкретната одлука.