Европратеници повикаа ЕУ да започне преговори со С.Македонија

Дваесет европратеници ја повикуваат ЕУ да започне преговори со Севена Македонија. Во изјавата потпишана од европратеници се повикува Бугарија да ја одобри преговарачката рамка на ЕУ за Северна Македонија и да се овозможи прогрес и за Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Пратеници од сите политички партии во Европскиот Парламент бараат да не се испушти денешната шанса за зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на оваа година.

„Предупредувајќи дека блокирањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија го загрозува кредибилитетот на Европската Унија на западниот Балкан, тие ги повикуваат Бугарија и Северна Македонија да изнајдат компромис за билатералните прашања за да се избегне натамошно одлагање на процесот“, стои во писмото.


Бугарија, повикуваат европратениците, треба да го одобри отворањето на меѓувладината конференција со Северна Македонија што е можно побрзо и со тоа да оддаде признание за напорите на земјата во пристапниот процес кон ЕУ. Тие ја повикуваат македонската страна исто така „да го вложи секој можен напор“ за решавање на споровите.

Писмото е потпишано од известувачот за Северна Македонија во Европарламентот, бугарскиот пратеник Илхан Ќучук, како и од Фајон, Дејвид Макалистер, Рајнхард Бутикофер и други.

Денеска се одржува министерскиот состанок за европски прашања на кој требаше да се даде зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, и најверојатно за Албанија со дополнителни услови, но поради ветото на Бугарија целата дискусија е отстранета од дневен ред, јави дописничката на МИА од Брисел.