Заев - Почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на ЕУ

Зоран Заев

Почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на ЕУ. Повелбата за основните права на ЕУ забранува дискриминација врз основа на јазикот и ја обврзува Унијата да ја почитува јазичната разновидност, пишува премиерот Зоран Заев во честитката објавена на неговиот фејсбук за одбележувањето на Денот на Свети Климент Охридски.

„Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Свети Климент Охридски во мисијата на неговото време, повикани сме и ние да ги чуваме обележјата на нашиот недвосмислен македонски идентитет и да ги надминуваме предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува како народ и како држава“, пишува Заев на Фејсбук.

Климент Охридски е ученик на сесловенските просветители – Светите браќа Кирил и Методиј и основач на Охридската школа. Со Свети Климент Охридски, стои во честитката по повод празникот, се поврзани почетоците на македонската писменост и неговото име денес достојно го носат универзитети, факултети, училишта.

Заев пишува дека Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми за неговата автентичност, и секое оспорување е спротивно на овие факти.