Претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање на самитот ЕУ-Западен Балкан, во организација на влијателниот тинк тенк „Пријатели на Европа“ рече дека Европскиот проект нема да биде целосен доколку земјите од Западен Балкан не се интегрираат целосно во Европската Унија.
Зборувајќи на сесијата „Поддршка на регионализацијата: Мост кон силна и стабилна демократија“, претседателот Пендаровски рече дека е време за нов пристап којшто ќе ја препознае интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија како главна стратешка и геополитичка одлука, а не како техничко прашање.
„Стабилноста и безбедноста на регионот, како и неговиот демократски развој, се потпираат на европската перспектива. Создавањето на вакуум во интеграцијата на регионот може да биде искористен од други надворешни сили. Земјите-членки на ЕУ имаат историска шанса да дадат придонес кон европската стабилност и просперитет“, нагласи Пендаровски.
Со усвојувањето на новата методологија за водење на пристапниот процес, како што додаде претседателот Пендаровски, земјите од Западен Балкан треба да исполнат јасни критериуми, меѓу коишто се владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и високата корупција, доколку сакаат напредок во интегративниот процес.
Според претседателот Пендаровски, регионалната економска интеграција може да биде од корист за интегративниот процес, имајќи предвид дека економскиот развој е еден од главните предуслови за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Допоолни дека секоја економска иницијатива би била нецелосна доколку не биде поткрепена и со напредок во интеграција кон Европската Унија.
Одговарајќи на прашањата на учесниците на самитот претседателот Пендаровски нагласи дека деновиве би сакал да слушне дека ќе се случи првата меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и ЕУ , бидејќи како што рече, „освен членството во Унијата, за нашата земја нема друга алтернатива“.
Преговорите во ќорсокак, потврдуваат извори во Советот на ЕУ