Илјадници демонстранти излегоа на улиците во Молдавија барајќи оставка од Владата и одржување на предвремени парламентарни избори. Демонстрантите се собраа на плоштадот пред зградата на парламентот во Кишињев извикувајќи пароли од типот „Ние сме народот!“
Протестот го свика новоизбраната претседателка Маја Санду, која се залага за поблиски врски со Европската унија, откако законодавците го усвоија предлог-законот за трансфер на контролата врз агенцијата за разузнавање на земјата од претседателот на парламентот.
Неколку илјади луѓе на 3 декември протестираа против одлуката, која беше донесена откако Санду го победи актуелниот претседател Игор Додон, поддржан од Русија, на претседателските избори минатиот месец.
Санду и нејзините приврзаници велат дека целта била да се намали претседателската функција пред таа да ја преземе и да се зајакне парламентот, каде про-московските социјалисти заедно со Додон имаат повеќе моќ од опозицијата
„Игор Додон не сака да го признае поразот“, им рече Санду на учесниците на протестите. „Тој сега сака да ја запали земјата, да предизвика хаос, да ја одведе Молдавија во меѓународна изолација!“
Уставниот суд се очекува официјално да ја потврди нејзината изборна победа на 10 декември, а нејзината инаугурација е закажана за две недели подоцна.