Илјадници демонстранти кои се собраа во главниот град на Ерменија повотрно го повикаа премиерот Никол Пашинијан да поднесе оставка во врска со контроверзниот договор за примирје што го потпиша со Азербејџан за да се стави крај на борбите за отцепениот регион Нагорно Карабах. Демонстрантите на плоштадот Слобода во центарот на Ереван извикуваа „Никол предавник“ и „Ерменија без Никол“ и ги вееја знамињата на Ерменија и Нагорно Карабах.
Пашинијан го објави договорот со посредство на Москва на 10 ноември, со кој се стави крај на повеќе од шест недели војна околу спорниот регион Нагорно Карабах. Според договорот, Азербејџан ја врати контролата врз делови од Нагорно Карабах и сите околни територии.
Договорот се смета за голем пораз за етничките ерменски сили, поддржани од Ереван, кои го контролираат Нагорно-Карабах од прекинот на огнот во 1994 година, со кој заврши војната.
Во обраќањето до нацијата на 12 ноември, Пашинијан призна дека документот што го потпишал е „лош за нив“, но рече дека тоа е единствената опција на Ерменија и дека се обезбедува опстанок на Карабах.
Нагорно-Карабах е признат како дел од Азербејџан, но етничките Ерменци кои го сочинуваат поголемиот дел од населението го отфрлаат владеењето на Азербејџан.