Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов изјави денеска дека историски факт е оти бугарската власт и цар биле сојузници на Германија и Хитлер, но тоа не значи дека Бугарите треба да бидат нарекувани фашисти. Тој се вклучи онлајн на радио Канал 77 во моментот додека гостин во студиото беше и македонскиот премиер Зоран Заев.
„Сојузници беа и властите на Италија, и на хрватската држава, па не ги нарекувате фашисти“, рече Каракачанов.
Тој се осврна и на масакрот во Ваташа, кој според него не се случил бидејќи населението било македонско, туку поради војувањето на државата и комунистите.
„Јас сум одел во Ваташа три пати. Првиот пат во 94 година. Сум прочитал повеќе документи за Ваташа од вашите колеги. Случки како Ваташа има и во Јастребино во централна Бугарија каде бугарската полиција убива 12-13 деца и ги убива не затоа што се Македонци, туку тоа е граѓанска војна. Државата против комунистите, не е против Македонците. Тоа е затоа што комунистите војуваат со државата, и државата против комунистите, а не против етнички Македонци или други. Ваташа е трагичен случај од нашата заедничка историја“, смета Каракачанов.
Заев истакна дека често разговара со Каракачанов за добрата иднина помеѓу Бугарија и Македонија, помеѓу двата народи и оти тој верува дека двете страни прават се тоа да го постигнат.
„Каракачанов но и премиерот Борисов се за пријателство, сакаат двата народа да бидат пријатели, еве господинот Каракачанов нема проблем да зборува за македонскиот народ, да зборува за јазикот, но истовремено јас ги разбирам и потребите на Бугарите и на владата во Бугарија дека треба да се утврдат историски факти и низ духот на пријателството на основа на тие историски факти да ја градиме иднината“, изјави Заев.