Премиерот Зоран Заев изјави дека секогаш ќе биде страната која прави пријателски чекори кои отвораат перспективи за меѓусебните односи со соседите, вклучувајќи ја и Бугарија.
„Но никогаш за сметка на тоа нема да ги доведеме нашите идентитет и достоинство за кои никогаш нема да се преговара, а тоа е нашиот идентитет како Македонци кои говорат македонски јазик, рече премиерот Заев во интервју за радиото Канал 77.
Тој уште еднаш порача дека ги разбира граѓаните и нивните реакции, ама лидерите се тука за да решаваат тешки прашања. Заев порача дека прави пријателски чекори кои отвораат перспективи, односно европските перспективи и иднина.
Тој порача и дека како Македонци што зборуваат македонски сме членка на НАТО, а ќе станеме и членка на ЕУ, а патриотизам, како што наведе Заев, е да не бидеш заглавен во минатото и со тоа да се загрозува сегашноста, којашто не може да ја отвори иднината.
„Патриотизам во политиката е да обезбедиш двајца грчки премиери да потврдуваат постоење македонски јазик и македонски народ. Што бранат лидерите на опозицијата овие денови со протестите што ги организираат? Нели го изгубивме идентитетот со договорот од Преспа, како што велеа тие? Тешко, невозможно е да се постигне консензус со луѓе што лажат дека Холандија и Данска го блокираат усвојувањето на преговарачката рамка. Деманти стигнаа од највисоките политички институции на овие земји. Да лажете не е патриотизам“, рече Заев во интервјуто.
Според него, со Бугарија постојано се отворени каналите за комуникација и интензивно се разговара за прашањата што се актуелизираа и што се поставуваат како пречка за согласноста за усвојување на преговарачката рамка за Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Тој додава дека се разговара за говорот на омраза и патоказот за имплементацијата на Договорот меѓу двете земји.