Со гласовите на 41 пратеник, од вкупно 81 присутни, црногорскиот парламент ја избра Владата на Црна Гора, предводена од Здравко Кривокапиќ.
Новата црногорска влада е прва што по три децении не е формирана од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Џукановиќ, која беше поразена на изборите на 30 август оваа година.
На истите избори, новоизбраниот премиер, како непартиска личност, беше лидер на најсилната од трите коалиции што ја освоија власта, која во најголем дел е составена од просрпскиот демократски фронт.
Парламентот на Црна Гора избира нова влада
Пред да ја положи заклетвата новоизбраниот премиер Кривокапиќ, соопшти дека неговата Влада ќе трае четири години и ќе претставува спроведување на директна демократија.
„Сите треба да изградиме подобра иднина, граѓаните да се чувствуваат подобро и Црна Гора да се трансформира во секоја смисла. Оваа влада ќе биде слуга само на граѓаните. Ова е Влада на жртвите, бидејќи тоа е единствениот начин да се започне со општото добро. Сите министри се жртви и за сите. Се наоѓаме во ситуација кога секој ден е драгоцен“, рече Кривокапиќ пред гласањето.