Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска повтори дека Будимпешта нема да прифати клаузула за владеење на правото поврзана со буџетот на ЕУ и фондот за закрепнување од последиците на коронавирусот, што го натера Брисел да ги предупреди Унгарија и Полска дека Унијата е подготвена да продолжи и без нив.
Полска и Унгарија блокираат околу 1,8 билиони евра средства на ЕУ, вклучително и околу 750 милијарди евра кои треба да бидат распределени наскоро за ѝ помогнат на Унијата да излезе од рецесијата предизвикана од пандемијата на коронавирус.
Двете земји се под истрага од ЕУ за нарушување на независноста на судството, медиумите и невладините организации, и ризикуваат да го изгубат пристапот до десетици милијарди евра поради новововедената клаузула за владеење на правото.
Орбан за националното радио изјави дека образложението во прилог на регулативата, која предизвика висок член на полската влада да каже дека Полска може да го прифати пакетот, е неприфатливо за Будимпешта.
„За нас ова решение, прикачувајќи некаква изјава како белешка за потсетување на парче хартија не функционира“, рече Орбан.
„Унгарија инсистира овие две работи да бидат разделени“, рече тој.
Будимпешта и Варшава соопштија дека ќе делуваат и ќе гласаат заедно за прашањето за владеење на правото, и Орбан рече дека ќе се држи до договореното.
Тој рече дека нема брзање за постигнување договор за буџетот на ЕУ оваа година, додавајќи дека ако нема договор до јануари, ќе има подоцна.
„Оставете го правниот статус непроменет и се ќе оди мазно и брзо“, рече тој.
Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони ги предупреди двете земји дека ЕУ е подготвена да „продолжи“ без нив ако не престанат со противењето.
„Мислам дека сме многу јасни кон овие земји-членки дека продолжиме без нив, но јас сум убеден дека на крај ќе постигнеме договор“, рече тој.
Извори од ЕУ вчера ги потврдија медиумските извештаи дека има план да им се овозможи на останатите 25 земји-членки да дадат зелено светло за помошта против коронавирусот, заобиколувајќи го противењето на овие две земји.
Џентилони рече дека фактот дека Германија, најмоќната економија во ЕУ, моментно е претседавач со Унијата може да биде „добра предност во барањето решение“.