Македонската академија на науките и уметностите, Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска излегоа со заеднички став за како што наведуваат апсурдните барања од Бугарија во кој ги охрабруваат претседателот, премиерот, Собранието и другите фактори да почитуваат неколку постулати.
Овие институции бараат преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ, да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, да се уважуваат не само објективните факти и научната аргументација, туку и комплексната интерпретација на историските факти, настани и личности.
„Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто : македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет (што значи дека македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и свој временски континуитет (што значи дека македонскиот јазик опстојувал со векови)“, наведуваат од МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ.
Видете и ова: Владата подготвена да ги објави записниците за петте историски личности за кои е договорено заедничко чествување со БугаријаЗа македонскиот идентитет од трите институции наведуваат дека тој го црпи својот легитимитет од повеќе-вековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор.
„Споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам. Историската вистина не е политичка догма, туку дијалошка, повеќедимензионална категорија чувствителна на гледната точка, во тој контекст и на националниот интерес на секоја држава, вклучително и на Републиката", се наведува во манифестот.
Апелираат процесот за евроинтеграција да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите, да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи, да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност, да се почитува волјата на македонските граѓани, припадници на македонската Република.