Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Владата е подготвена да ги објави записниците за историските личности чие заедничко чествување досега договори македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања.
„Нашата Влада од досега усвоените записници е подготвена на некоја од следните седници да ги објави записниците за петте историски личности, односно трите историски периоди за да испратиме порака, дека веднаш после тоа започнуваме со импелемнатција на учебниците за 2021-22 година и од бугарска и од македонска страна, за сето она што е поврзано со Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на фотонапонска централа во Неготино.
Тој изрази уверување дека многу брзо ќе има и други решенија, затоа што, преку тие решенија, како што рече, го градиме заедничкото пријателство на двете земји.
Инаку денеска и утре заедничката Комисија ја одржува 11 средба, овојпат онлајн, поради пандемијата со коронавирусот. На средбата се разговара за револуционерот Гоце Делчев, евентуалното негово заедничко чествување и македонските учебници за перидот среден век и ран османлиски период. Претходно, комисијата ги помина бугарските учебници за тој период.