На денешната средба на Комисијата за историски прашања е постигнат напредок. Свесни сме дека разговорите со Бугарија треба да продолжат без разлика на исходот од претстојниот Совет на министри, изјави денеска премиерот Зоран Заев, додавајќи дека деновиве се прават напори да се изнајде решение.
„Треба да се имплементираат Договорите со Грција и Бугарија. Во оваа насока, Бучковски треба да е мотиватор за реализација на договорите. Разговорите, пак со Бугарија, ги води МНР, односно Бујар Османи, а вклучен е и вицепремиерот Никола Димитров. Тука е секако и мојот кабинет, но и амбасадарот во НАТО, Дане Талевски“, изјави премиерот.
Премиерот повтори дека грижата за националните интереси е секогаш добредојдена, но дека гарантира дека не се преговара за идентитетот и јазикот, бидејќи тоа е право на самоопределување и додаде дека на денешната средба на Комисијата за историски прашања е постигнат напредок, а во учебната година 2021/2022 ќе започне имплементација во учебниците на она што е договорено во Комисијата за историски прашања. За ставот на опозицијата и односот на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Заев рече дека „тоа што го прават лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и душегрижниците, го прават од потреба за доаѓање на власт и ништо друго“.