ССМ: Предлогот од МТСП не е во прилог на „недела неработен ден“

Архивска фотографија од прес-конференција на ССМ

Предложените измени во Законот за работни односи од страна на Министерството за труд и социјална политика не одат во прилог на тоа недела да биде прогласена за неработен ден, реагираше денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Во реакцијата од ССМ се наведува дека предлогот на Министерството за труд и социјална политика е во насока на утврдување на постапка која треба да ја спроведуваат работодавачите за работниците да работат во недела, а не да се утврди правото неделата да е неработен ден. Сметаат дека евентуалните исклучоци од правото недела да биде неработен ден, треба да се уредат во Законот за работни односи како базичен закон, врз основа на анализа за тоа во кои дејности мора да има контиуниран процес на работа.

„Предлог на ССМ е работниците кои по исклучок се ангажирани да работат во недела задолжително да имаат право на зголемување на основната плата по час најмалку за дополнителни 50 проценти за работа во недела, како и право на слободен ден во текот на неделата“, велат од ССМ.