Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, објави дека вчера, заедно со 20-тина водечки економски експерти во земјава од повеќе различни области, бил одржан првиот иницијален состанок од платформата „За татковината со љубов“ чиј иницијатор за формирање е вицепремиерот за економски прашања, соопшти Кабинетот на вицепремиерот.
„Ја крстивме „За татковината со љубов“ затоа што е токму тоа, обединување и работење за заедничка мисија а тоа е - економска благосостојба на татковината и граѓаните кои живеат во неа. Идејата зад неа е на едно место да се соберат водечките економски експерти во земјава од повеќе различни области: макроекономија, јавни финансии, даноци, инвестиции, царина, претприемништво, човечки капитал, стратешко планирање... И да претставуваат советодавно тело за економски стратешки размислувања“, информираше Битиќи.
Според вицепремиерот, платформата ќе претставува своевиден тинк-тенк на државата за сите прашања поврзани со стратешкиот развој на домашната економија.