Владејачкиот СДСМ денеска ја обвини „опозицијата во Собранието, предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, дека се однесува неодговорно и несериозно во расправата за онлајн седниците на Парламентот поради пандемијата, односно за измените на собранискиот деловник.
„ВМРО-ДПМНЕ и опозициските пратеници по секоја цена се обидуваат од Собранието да направат циркус, место за нивна забава. Никако поинаку не можат да се толкуваат бројните несериозни, безобразни и апсурдни амандмани поднесени на предлог измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Собранието“, изјави денеска Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата.
Тој сподели амандмани од пратеници од опозицијата, со кои, според него, се даваат „дрски и несериозни предлози“. Дел од амандманите што Митрески ги објави се потпишани од „Група пратеници“, а дел од Борислав Крмов од Левица.
„Во еден од амандманите се вели дека за време на велигденските празници, пратениците кои ќе учествуваат во работата на Собранието од далечина, да имаат бојадисано јајце пред камера. Понатаму, во дел од амандманите се вели, пратениците кои учествуваат во работата од далечина да не смеат да носат облека со обележја на месарници“, вели Митрески.
На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ дека тоа не се амандмани поднесени од нивните пратеници.
„Ова е срамен обид на СДСМ и нивните пратеници за манипулирање и дефокусирање на јавноста од нивниот насилнички и недемократски метод набрзина да ги изгласаат измените на Деловникот кои поради нивното тенко и нефункционално мнозинство очајно им се потребни“, изјави на денешната прес-конференција заменик - координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Дафина Стојаноска.