Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција изјави дека во овој момент, нема неопходна потреба за болничко згрижување на пациенти во стара „Систина“, бидејќи состојбата со заразата е стабилна и има места во државните болници во земјата.
Директорот кажа дека се работи на формално-правна техникалија за потпишување на нацрт-договорот на Министерството за здравство и приватните клиники, дека нема да се чека 5 до 12 за да се состанат, и ако се јави итна потреба, за половина час ќе се состане Главниот штаб и сите процедури ќе бидат завршени.
По прогласувањето на кризната состојба на 21 ноември, министерот за здравство Венко Филипче и претставници на трите приватни клиники во земјава се договорија дека објектот на поранешната болница „Систина-Мала Богородица“ да се користи како нов Ковид-центар.