Предлогот недела да се прогласи за неработен ден следната недела се очекува да се најде на разгледување на владина седница, информираше денеска владиниот портпарол Мухамет Хоџа.
„Министерството за труд и социјална политика е посветено да достави предлог до владата, но како што сте информирани овој оддел е во консултации со приватниот сектор, стопанските комори и другите министерства, очекуваме овие консултации да бидат завршени за брзо време и предлогот неделата да биде неработен ден ќе се најде на владината седница и очекуваме дека тоа ќе се случи следната недела“, рече Хоџа на денешната прес-конференција во Владата.
Предлогот недела да биде неработен ден, кој дојде од дел од синдикатите, а Владата го прифати, наиде на критика кај дел од работодавците. Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) вчера објави дека предлага недела да биде ден за одмор, а секоја работа во недела да се пресметува како прекувремена работа и да се исплаќа дневница зголемена за 50 отсто.