Борел - Решението за Србија и Косово во рамки на ЕУ

Архива - Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел порача дека решението за нормализација на односите меѓу Косово и Србија треба да се бара во европски рамки.

„Драго ни е што САД се подготвени да помогнат, но ЕУ е таа која го води и одговара за овој процес. Само ЕУ може да даде важна понуда за луѓето таму, а тоа е европска перспектива. Во рамки на европската перспектива мора да се решава овој проблем“, изјави Борел.

Шефот на европската дипломатија, кој пред точно една година ја презема функцијата, нагласи дека се гордее на фактот што на почетокот од неговиот мандат повторно се започнати преговори меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ.

Тој оцени дека во регионот на Западен Балкан и натаму постојат поделби и „длабоки рани“ од минатото, но дека на земјите од регионот не може да им се негира нивната европска перспектива.

Борел исто така додаде дека Западен Балкан, како нејзино најблиско соседство, е една од најважните одговорности на Европа, предупредувајќи дека ако ЕУ не може да ги реши проблемите во регионот, „како тогаш можеме да бидеме геополитички играч во светот.“