Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), во врска со предлогот за прогласување на недела за неработен ден, предлага недела да биде ден за одмор, а секоја работа во недела да се пресметува како прекувремена работа и да се исплаќа дневница зголемена за 50 отсто.
„Сегашното Законско решение само треба да се дополни и тоа: Во членот 134 став 2 да стои: Ден за неделен одмор е недела. Секоја работа во недела се пресметува како прекувремена работа и се исплаќа дневница зголемена за 50%, а во членот 134 да се додаде став 3: Неделното работно време не смее да се продолжува во недела и важи од понеделник до сабота“, стои во соопштението од КСС.
Со ваква измена, велат од КСС, се задоволуваат потребите на работниците.
„Сето друго сметаме дека е чист популизам. Од една страна трговците лицитираат и лобираат, од друга страна ќе се направи хаос во Законот за работни односи, доколку се опишува кои дејности треба да работат, а кои не. Во време на економска криза многу лесно може да се случи заради неработење во недела да се намалат платите и да се кратат работни места“, се вели во соопштението од КСС.
Предлогот за недела да биде неработен ден, што дојде од синдикатите, а Владата го прифати, наиде на различен прием кај работодавците. Најгласни беа угостителите и туристичките агенции кои не се сложија со предлогот, туку предложија да се работи и во недела, а на вработените да им се даде друг слободен ден.