„Размислувај поразлично“ со 11-от регионален Мобил филм фестивал

Деведесет филма од светот ја чинат програмата на годинешното 11-то и прво онлајн издание на Мобил филм фестивал што во организација на продуцентската куќа „КТ-Филм и Медиа“ од Скопје и под мотото „Размислувај поразлично“ се одржува од 30 ноември до 6 декември.

Традицијата продолжува. Домашниот фестивал на филмови снимени со мобилен телефон со несмалена верба во исправноста на иницијалната идеја ја отвора својата втора деценија од постоењето. И во неа зачекорува онака како што налагаат условите што со себе ги донесе пандемијата. По првпат во 11-те години од своето постоење онлајн, што пак од своја страна подразбира дека со ова издание благодарение на VoD платформата Cinesquare.net станува интернационален и филмовите од програмата ќе бидат достапни во дури 13 земји од регионот.

Инаку, манифестацијата што се одвива во периодот од 30 ноември до 6 декември, ја чинат 90 филма од светот поделени во три програмски целини а 11. Мобил филм фестивал овојпат се одвива под мотото „Размислувај поразлично“.

„На конкурсот за годинешното издание на Мобил филм фестивал пристигнаа околу 1.000 филмови од светот, но за жал ниту еден од Македонија. Изборот беше навистина тежок бидејќи имаше голем број на филмови, но тоа што одлучивме дека Фестивал ќе мора да биде онлајн ни дозволи да прикажеме поголем број од понудените дела во три програми – Официјална програма на филмови снимени со мобилен телефон каде ќе одат 22 филма, Програма на анимирани филмови со 31 дело и т.н. „Ковид програма“ за која имаше голем интерес и одбравме дури 36 остварувања. Од разбирливи причини моравме да одлучиме дека единствено вака, значи само онлајн поради мерките за превенција и заштита од Ковид-19 ќе мораме да го одржиме Фестивалот и дека на тој начин ќе отвориме вентил за поширока комуникација со публиката. Филмовите ќе бидат бесплатни и ќе може да се гледаат во 13 соседни држави а на овој начин Мобил филм фестивал станува и регионален“, вели Весна Ристовска од организацискиот тим на манифестацијата.

Видете и ова: ТАТЈАНА РАНТАША: Целта е да се биде присутен и да се фотографира

По традиција и годинава ќе бидат доделени наградите на Фестивалот, па така најдобриот филм ќе се закити со признанието „Ратка Илиевска-Лале“, а посебно ќе бидат издвоени и делата со најоригинална приказна и она за кое ќе биде оценето дека содржи најмногу инвенција.

За наградите ќе одлучува тричлено жири во состав: Горан Наумовски, кинематографер и професор на универзитетот „Еуропа Прима“, Златко Ѓелевски, писател, радио водител и филмски критичар и Карл Бардош, филмски режисер и продуцент. А, кога сме веќе тука да кажеме и тоа дека Бардош има богата професорска кариера на многу американски универзитети и дека посебно е фокусиран на филмовите снимени со мобилен телефон. Неговиот курс насловен Cell Phone Cinema се смета за најиновативен курс во академската 2019/2020 година во САД.

Конечно и ова издание на Мобил филм фестивал како организатор го потпишува продуцентската куќа „КТ-Филм и Медиа“ од Скопје, а проектот е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.