Чешкиот претседател Милош Земан наводно побарал листа на сите активни руски шпиони во Чешка, потег за кој безбедносните експерти велат дека може да ги загрози тајните извори на чешката контраразузнавачка служба.
Чешкиот јавен радиодифузер ЦРо денеска објави дека Земан го упатил барањето до директорот на Чешката безбедносно разузнавачка служба Михал Коуделка. Според медиумот, Земан исто така побарал документација за сите познати руски разузнавачки операции во Чешка.
Земан, кој често изразува проруски ставови и се смета дека е пријателски расположен кон Русија, не ги коментираше информациите на јавниот радиодифузер.
Во минатото Земан ја обвинуваше чешката разузнавачка служба за некомпетентност.
Чешките пратеници денеска соопштија дека комисиите од двата дома на Парламентот ќе разговараат за ова прашање. Претседателот на Комитетот за безбедност во Сенатот, Павел Фишер, рече дека барањето на Земан може да ја загрози безбедноста на земјата.
Поранешниот министер за внатрешни работи Франтишек Бухлан рече дека доставувањето на таквите информации до Земан „ќе доведе многу луѓе и тековни операции во опасност“.
Тој смета дека нема причина Земан да ги добие информациите.
Чешката служба со години известува за зголемена активност на руските шпиони во земјата, велејќи дека тие ги таргетираат земјите-членки на ЕУ и НАТО. Сепак, службата објави само неколку конкретни детали за руските шпионски активности во земјата.