Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците/Алтернатива поднесоа над 3000 амандмани на предлог измените на собранискиот Деловник, кои треба да овозможат одржување на онлајн седници.
Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања требаше да го разгледа предлогот на претседателот на Собранието Талат Џафери, но прво ќе мора да бидат преведени сите амандмани. Според предлогот, пратениците заболени од ковид-19 ќе може да се вклучуваат во работата на Парламентот онлајн.
Опозицијата обвинува дека предлогот ја нарушува довербата меѓу партиите и дека нема технички услови за тоа. Власта обвинува за опструкции.
ВМРО-ДПМНЕ поднесе 1350, Левица 1400, а Алијанса/Алтернатива околу 400 амандмани. Предлогот треба да добие поддршка од мнозинството пратеници, но пред тоа треба да заврши амандманската расправа во матичната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.