Компанијата Модерна ќе побара итно одобрување на нивната вакцина против коронавирусот

Илустрација

Американската компанија Модерна соопшти дека денеска ќе поднесе барање за итно одобрување на нивната вакцина против ковид-19 во САД и во Европа, откако тестирањата потврдија дека нивната вакцина има ефикасност проценета на 94,1 проценти.
„Веруваме дека нашата вакцина ќе обезбеди нова и моќна алатка која може да го смени курсот на пандемијата и да помогне да се спречат тешки случаи на болеста, хоспитализација и смрт“, рече директорот на компанијата Стефан Бансел.

Ако американската Управа за храна и лекови се согласи дека вакцината е безбедна и ефикасна, првата од двете дози од вакцината може да почне да им се дава на Американците кон средината на наредниот месец.

Американската компанија Фајзер и германската БиоНТек поднесоа слично барање минатата недела, а нивната вакцина би можела да биде одобрена во САД по 10 декември.

Вакцината на Модерна, која беше развиена во соработка со американскиот Национален институт за здравство, беше тестирана во клиничко тестирање врз повеќе од 30 илјади учесници во САД.

Велика Британија претходно соопшти дека обезбедила уште 2 милиони дози од ветувачката вакцина додека се подготвува да почне масовна вакцинација во наредните неколку недели. Британија, која е една од најтешко погодените земји од вирусот, се надева дека ќе стане една од првите земји во светот која ќе ја почне вакцинацијата. Владата се согласи да купи над 350 милиони дози од вакцината од седум различни производители, доколку тие се покажат како ефикасни, и се надева дека во земјата со 67 милиони жители ќе се вакцинираат што е можно повеќе луѓе. На болниците им било кажано дека првите вакцини може да ги добијат најрано на 7 декември, објавија Гардијан и Фајненшл тајмс.

Болеста почна забрзано да се шири во Европа во САД во изминатите два месеци.