Мицотакис очекува првите вакцини против ковид-19 да пристигнат во Грција пред Нова година

Илустрација

Процените се дека првите вакцини, откако ќе бидат одобрени од надлежните европски организации, ќе пристигнат во Грција пред крајот на годината, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на денешната владина седница.

Уште еднаш повтори дека вакцината ќе биде бесплатна за сите и нема да биде задолжителна, а ќе постои кампања за информирање на јавноста за потребата што повеќе граѓани да се вакцинираат.

Говорејќи за актуелната ситуација со пандемијата во земјата, Мицотакис рече дека има мало подобрување, со намален број нови случаи и постепено намалување на притисокот врз здравствениот систем во северна Грција, но потенцира дека сепак претстојат тешки денови, со оглед на тоа дека набргу ќе започне дискусија за начинот на олабавување на строгите рестрикции.

„Сакам уште еднаш да истакнам дека не треба да зборуваме со датуми, треба да говориме со податоци. Тие ја одредуваат нашата политика. Најважниот податок што треба да го оцениме во овие околности се можностите на Националниот здравствен систем. Според тоа, морам да истакнам дека треба да бидеме многу внимателни во одлуките што треба да ги донесеме, земајќи ги предвид препораките на експертите. Можеби патот ќе биде побавен, но ќе биде посигурен и побезбеден, порача Мицотакис и уште еднаш повтори дека индивидуалната одговорност е должност на сите граѓани.

Премиерот Зоран Заев пред десетина дена рече дека Грција нарачала вакцини и за нас, а Македонија ќе биде вклучена и во набавката од страна на ЕУ.