Заев- македонската иднина е европска, продолжуваме да бараме решенија

Архивска фотографија- македонскиот премиер Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија, 10 ноември 2020

Македонскиот премиер Зоран Заев на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук денеска најави дека продолжуваат да се бараат решенија со Бугарија за разликите меѓу двете земји.

„Македонскиот народ секогаш бил и ќе биде со поглед напред. Сите премрежја, окупации и блокади беа надминувани и надминати заради желбата за подобро утре и подобар живот. Така е и сега. Гледаме напред, кон Европа, тоа е единствениот пат кон нашето подобро утре. Изолациите ги оставаме во минатото бидејќи знаеме дека македонската иднина е европска. Во тоа име, продолжуваме да бараме решенија. Само така е европски, само така е македонски. Во ЕУ ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик!“, наведе премиерот.

Видете и ова: Борисов за ФАЦ- компромисот е возможен, но треба да се познава историјата

Неговиот бугарски колега Бојко Борисов во интервју за денешното издание на германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг рече дека компромисот е возможен, но дека исто така треба да се познава историјата.

„Бугарските комунисти и Комунистичката интернационала, контролирана од сталинистичка Москва сакаа од идеолошки причини по Втората светска војна насилно да ги преобратат Бугарите во Македонија во Македонци. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Ако сега во процесот на присоединување кон Европската унија се појават определени погрешни тврдења и јас не реагирам, моите политички опоненти ќе ми кажат- Борисов ја продава бугарската историја и попушта под притисокот на европските партнери“, вели Борисов.

Откако бугарската влада месецов одлучи да ја блокира земјава во својот евроинтегративен пат поради, како што тврдат, прекршување на Договорот за добрососедство од 2017 година од страна на Скопје, тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји интензивно разговараат во обид да најдат решение. Последна шанса за почнување на преговорите за време на германското претседателство со ЕУ, кое завршува на 31 декември, се смета Советот за општи работи на ЕУ кој треба да се одржи на осми декември.