ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на прес конференцијата на портпаролот и пратеник од СДСМ Костадин Костадинов.
„Нека го праша Заев каква тајна соработка има и колку чини идентитетот кој го распродава. И ќе го потсетиме дека Костадинов преставува партија, чиј лидер има приватни бизниси во Бугарија. Заев за лична корист ја продава Македонија“, наведуваат од опозициската партија.
Костадинов денеска на прес конференција побара од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да кажел со кои структури во Република Бугарија интензивно соработува во овој период и од кој му давал информации.
Вчера на протестот со автомобили на ВМРО-ДПМНЕ кој заврши пред зградата на Владата, Мицкоски обраќајќи се пред насобраните повика на внимателност, оти како што рече, имал информации дека викендов во Софија „се распарчува Македонија и се преговара за иднината на нашиот идентитет“.