СДСМ го прашува Мицкоски со кој соработува во Бугарија

Архивска фототрафија- портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов

Портпаролот на СДСМ и пратеник од таа партија Костадин Костадинов денеска на прес конференција побара од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да кажел со кои структури во Република Бугарија интензивно соработува во овој период.

Вчера на протестот со автомобили на ВМРО-ДПМНЕ кој заврши пред зградата на Владата, Мицкоски обраќајќи се пред насобраните повика на внимателност, оти како што рече, имал информации дека викендов во Софија „се распарчува Македонија и се преговара за иднината на нашиот идентитет“.

„Христијан Мицкоски има должност да излезе пред граѓаните и да каже кој му ја дал оваа информација? Дали лично му се јавија на Мицкоски или преку посредници? Ако знаел дека се спрема нешто опасно по државата зошто не пријавил во надлежни институции? Еве го викендот. Ниту се распарчивме ниту имало официјални претставници во Софија“, рече Костадинов.

Тој повтори дека за македонскиот идентитет не се разговара и дека зборуваме македонски јазик кој нема како што рече бугарски корен.