Министерството за надворешни работи на Србија синоќа по прогласувањето на српскиот амбасадор Владимир Божовиќ во Црна Гора за „персона нон грата“ возврати со реципрочна мерка. Во дипломатската нота испратена од српското до црногорското Министерство за надворешни работи се наведува дека амбасадорот на Црна Гора во Белград, Тарзан Милошевиќ е прогласен за непожелна личност во земјата. Амбасадорот Милошевиќ е должен во следните 72 часа да ја напушти територијата на Репблика Србија, се наведува во нотата.
Црногорското Министерство за надворешни работи претходно објави дека во согласност со членот 9 и на 41 на Виенската конвенција за дипломатски привилегии и имунитет го прогласува српскиот амбасадор Божовиќ за „персона нон грата“ и побара тој да замине од Црна Гора. Како образложение за таквиот чекор се наведува „долго и континуирано мешање во внатрешните работи на Црна Гора, однесување и и изјави неспоиви со вообичаените и прифатливи стандарди за извршување на дипломатската функција“.
Официјална Подгорица тврди дека Божовиќ повеќепати бил усно и писмено предупреден за неговото неприфатливо однесување. Според црногорското МНР, тој во петокот „нелегалното и нелегитимно Подгоричко собрание од 1918 година“ го нарекол ослободително и слободна волја на црногорскиот народ, со што уште еднаш, на најдиректен начин, како што се наведува ја омаловажил државата која му пружи дипломатско гостопримство.
Во соопштението се истакнува дека Божовиќ на таков начин го понижи законодавното и претставничко тело – Собрание на Црна Гора, кое на 29 ноември 2018 година усвои Резолуција за поништување на одлуката на Подгоричкото собрание кое во 1918 година го укина дотогашниот суверенитет на Црна Гора, а нејзината територија ја припои кон Кралството Србија и го детронизираше кралот Никола Петровиќ Његош.