„Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет“, ова го напиша македонскиот премиер Зоран Заев вечерва на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
„Но, етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас. Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи. Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза. Доста беше омраза!“, напиша Заев.
Видете и ова: Каракачанов му честита на Заев: Заедничката историја е бугарска историјаБугарскиот министер за одбрана и вицепремир Красимир Каракачанов често дава пораки поврзани со отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија. По интервјуто на премиерот за бугарската агенција БГНЕС Каракачанов рече дека „по стар бугарски обичај, на Бугаринот му доаѓа паметот следниот ден, па така е и со колегата Заев“.
Заев во интервјуто за БГНЕС, кое предизвика лавина реакции во македонската политичка и општествена јавност, рече дека имаме заедничка, а не споделена историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а оти потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.