Интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС може да е игра на политичката сцена, рече за Бугарското национално радио Ангел Димитров, копретседавач на македонско-бугарската заедничката мултидисплинарна комисија за историски и образовни прашања.
Според него луѓето во С. Македонија треба да се замислат колку и на каков безумен начин се одалечуваат од своето минато. Димитров вели дека за да се земе кажаното како сериозно, треба да има и нешто посериозно, како меѓународно-правен документ. Тој вели дека тоа што го кажа Заев треба да биде внесено и во официјален документ во кој јасно ќе се нагласат новите позиции, кои што вели, се во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство.
Копретседавачот на комисијата вели декаи тие документи треба да бидат усвоени и од македонското Собрание, но дека со актуелната политичка конструкција и несигурноста на владејачката структура не е јасно како тоа би се случило. Димитров е категоричен дека откако Заев го направи тој чекор, да признае дека двете земји имаат заедничка историја и дека Бугарите не се фашистички окупатор, треба неговата партија да направи напор, чекор напред, а не , како што вели, ова да остане да виси во воздух.
"Ако не се најде медиумска поткрепа на веќе кажаното од Зоран Заев ќе биде тешко да се остане на овие позиции“ рече Димитров за БНР.
Тој додаде дека по новиот развој на настаните во Скопје и тонот на разговорот во заедничката комисија ќе биде емотивен од страна на македонскиот тим. Тој тврди дека тие секогаш ги користат репликите разменети на политичко ниво за да создадат тон кој секогаш не е академски.
Инаку следниот состанок на заедничката комисија треба да се одржи, идната недела, на 3 и 4 декември, а ќе биде онлајн поради пандемијата. Премиерот Заев во интервјуто за БГНЕС во средата рече дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а дека потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.