Можеби единствените кои немаат право да говорат многу за нашата антифашистичка борба е токму партијата којашто изгради кариера зборувајќи и работејќи против антифашизмот. Тоа се истите луѓе коишто уништуваа споменици на наши херои, истите коишто го избркаа Сојузот на борци на улица и истите кои што се трудеа да фрлат идеолошка сенка на таа горда епизода во нашата историја, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска во одговор на новинарско прашање околу најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за барање на доверба за премиерот Зоран Заев, по неговите изјави за бугарски медиум.
"Опозицијата има апсолутно право да поднесува иницијативи во Собранието и тоа ние никогаш нема да го критикуваме ќе го почитуваме како дел од политичката култура во нашата држава што не може да се каже за другите начини на нивно функционирање како што е последниот обид уште еднаш да го блокираат работењето на Парламентот“, истакна Шекеринска.
Таа рече и дека ќе направат се за да се најде решение за несогласувањата со Бугарија, но никако, како што нагласи, на сметка на прашањата кои се црвена линија, а тоа се македонскиот јазик и идентитет.
„Сакаме решение кое ќе биде одржливо и корисно за двете земји. Какво било решение кое задира во овие прашања, ќе биде причина за дополнителна недоверба, а не причина за нова енергија и верба во односите меѓу нас и Бугарија“, рече Шекеринска.