Мицкоски- овој викенд се „распарчува“ Македонија во Софија

Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Заев е во лична битка за задржување на фотелјата наместо во битка за спасување на Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот протест на партијата пред зградата на Владата во Скопје. Мицкоски пред насобранието Заев го нарече квинслинг, а владата квинслиншка. Порача дека ако го начнеле македонскиот идентитет заедно со народот „ тоа диво месо ќе биде прецизно хируришки отстрането, а дека потоа не само за криминалот, туку и за велепредавство ќе одговараат“.

Видете и ова: Каракачанов му честита на Заев: Заедничката историја е бугарска историја

На бугарските политичари, кои рече дека велеле дека тој е предводник на македонска хистерија, Мицкоски им порача да дошле во Скопје и пред споменикот на борците во близина на зградата на владата да клекнеле и да се извинеле по примерот на германскиот канцелар Вили Брант кој пред педесетина години, при посетата на Полска клекна пред споменикот на хероите и на тој начин побара прошка и се извини за злосторствата на нацистите во Втората светска војна.

„А јас, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ предводам македонска хистерија и нема да престанам да ја ширам таа македонска хистерија“, рече Мицкоски.

Тој нагласи и дека навестувал оти Зоран Заев подготвува национален пораз, но дека од секој еден зависило дали тоа ќе се промени, повикувајќи го народот да излезе оставајќи ги настрана сите разлики и забелешки. Повика на внимателност деновиве.

„Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет да не дозволиме и од утре внимателно да ја блокираме Македонија секој нареден ден“, рече Мицкоски.

Партијата што ја предводи почна да организира протести по интервјуто на премиерот Зоран Заев во средата за бугарската агенција БГНЕС. Денешниот протест поради пандемијата со коринавирусот се одвиваше со автомобили и од две локации во Скопје заврши пред зградата на Владата.

Видете и ова: Заев: Жалам за негативните емоции, но имам обврска да поттикнам решение

Во интервјуто, кое поттикна силни политички и општествени реакции Заев рече рече дека со Бугарија немаме споделена, туку заедничка историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а дека потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.

Инаку, откако официјална Софија на 17 ноември, на Советот за општи работи на Европската унија, ја блокираше преговарачката рамка за земјава со ЕУ со тврдења дека Скопје го прекршува Договорот за добрососедство од 2017 година, тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји се обидуваат да најдат решение. Последната шанса за почнување на преговорите со ЕУ за време на германското претседателство кое завршува на 31 декември е на осми декември кога е последниот состанок на Советот за општи работи на унијата на кој може да се донесе одлуката.